HomeАктуелноГоривата поскапеа, но Македонија и понатаму меѓу најевтините во Европа – бензинот 79,5, дизелот 85,5 денари

Горивата поскапеа, но Македонија и понатаму меѓу најевтините во Европа – бензинот 79,5, дизелот 85,5 денари

Цените на горивата во земјава од денеска се повисоки, но и покрај поскапувањето тие и натаму се меѓу најниските во регионот и пошироко во Европа. Исклучок се само Босна и Херцеговина и Турција, каде горивата се поевтини, покажува споредбата на податоците од платформата Fuelo.eu.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

По растот на цената на нафтата на светските пазари, бензините во земјава поскапеа за пет денари по литар, додека дизелот се зголеми за 14,5 денари. Со тоа новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,5 денари за литар (1,289 евра), додека ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се продава по 85,5 денари за литар (1,386 евра).

Според податоците на Fuelo.eu, горивата во повеќето соседни земји се значително поскапи. Во Бугарија бензинот 95 чини околу 1,340 евра, а дизелот 1,440 евра за литар. Во Србија бензинот достигнува 1,520 евра, а дизелот 1,683 евра. Во Грција цените се уште повисоки – бензинот е 1,811 евра, а дизелот 1,698 евра. Во Хрватска бензинот се продава за околу 1,510 евра, а дизелот за 1,550 евра за литар.

Пониски цени има во Босна и Херцеговина, каде литар бензин се продава за околу 1,185 евра, додека дизелот е 1,435 евра. Во Турција горивата се уште поевтини – бензинот чини 1,095 евра за литар, а дизелот 1,264 евра.

Во поголемиот дел од Европа цените се значително повисоки. Во Словенија бензинот 95 чини 1,451 евра, а дизелот 1,509 евра. Во Австрија бензинот е 1,660 евра, а дизелот 1,753 евра, додека во Белгија тие достигнуваат 1,602 евра за бензин и 1,731 евра за дизел. Уште повисоки се цените во Германија, каде бензинот е 2,074 евра, а дизелот 2,138 евра за литар. Во Шпанија бензинот чини 1,659 евра, а дизелот 1,748 евра, во Франција 1,875 евра за бензин и 1,960 евра за дизел, додека во Италија бензинот достигнува 1,879 евра, а дизелот 2,076 евра за литар.

Премиерот Христијан Мицкоски викендов порача дека во земјава има доволно нафта и нафтени деривати и ги повика граѓаните да останат смирени, додавајќи дека Владата ќе реагира доколку дојде до нагло зголемување на цените.

„Имавме состанок со поголемите дистрибутери на нафта и нафтени деривати и заклучокот е дека има доволно резерви. Граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи кај нас цените се значително пониски од соседството. Доколку има драматичен скок на светските цени, Владата веднаш ќе интервенира – со намалување на акцизата или на ДДВ“, изјави Мицкоски.

Во меѓувреме, на светските пазари цената на нафтата бележи благо смирување. Според последните податоци на CNBC, американската сурова нафта WTI се тргува околу 81 долар за барел, додека Brent изнесува околу 84 долари.

Овој пад следува по сигналите за намалување на геополитичките тензии, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната е „речиси завршена“. Само еден ден претходно, цената на нафтата достигна и до 119 долари за барел – ниво што последен пат беше забележано по руската инвазија на Украина.

Во исто време, цените на природниот гас во Европа повторно растат и го достигнаа највисокото ниво од јануари 2023 година. На референтната холандска берза TTF, мегават-час гас за испорака во април утрово се тргуваше за 62,51 евра, што е околу 17 проценти повеќе во однос на крајот на минатата недела. На почетокот на тргувањето цената достигна и 68,63 евра.

Според анализите, растот на цените на гасот се должи на одлуката на Русија дел од испораките да ги пренасочи кон азиските пазари, како и на претстојните ограничувања за увоз во Европската Унија.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.