Сеќавањата од 8-ми Септември будат емоции кај секој граѓанин на Македонија, а во борбата за самостојност и независност учествуваа многу генерации на знајни и незнајни јунаци, организации, верски заедници. Несомнен е придонесот на Македонската Православна Црква во ширењето на идејата за самостојност и нејзината заложба за конечно осамостојување.
По повод 8-ми Септември го посетивме поглаварот на Православната Црква во Македонија, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г Стефан, кој со емоции и убави спомени се навраќа на денот кога Македонија прогласи независност.
Пред 32 години, на денешен ден, Г.Г Стефан како митрополит на Брегалничката епархија, заедно со речиси сите штипјани гласаше на референдумот. За поглаварот на МПЦ, тој ден е остварување на вековниот стремеж како на Црквата така и на сите граѓани на нашата Македонија.
Во разговорот со него, се запраша дали ние како генерација го исполнивме тоа што тогаш беше замислено и поставено како пат по кој треба да се движи државата. Ги посочи работите кои го успорија или искривија патот, спомнувајќи и навраќајќи се на војната од 2001, како и езерските договори, кој како тој вели, пресушија многу желби и променија многу патишта. Г.Г Стефан посочи дека како држава треба да менуваме многу работи и во внатрешните и надворешните односи и да бидеме внимателни во потпишувањето “пријателски договори”.
Во целата приказна за независност ја нагласи улогата на Црквата како во создавањето на нашата држава така и во афирмацијата низ Европа и светот.
8-ми Септември е третиот Илинден кој треба достоинствено да се празнува, а заврши со мислата дека треба сите заедно да работиме за подобра држава и да ни е вечна и вековите нашата татковина, Македонија.
