Редовниот фестивалски термин од 21 часот во црквата „Света Софија“ вечерва е резервиран за виолончелистката Ирена Јосифоска и пијанистот Александар Џермановиќ од Србија.
Ирена Јосифоска е една од најперспективните виолончелистки на нејзината генерација. Добитник е на прва награда на натпреварот „Габриели“ во 2021 година, таа се закитува и со наградата „Жан Никола Фирмених“ доделена од фестивалската академија во „Вербие“. Во 2017 година таа е најмлад полу-финалист на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ во Белгија.
Родена е во 1996 година во Суботица во семејство на музичари, таа започнува да свири виолончело на петгодишна возраст. Студиите ги завршува на високата школа за музика во Детмолд во класата на проф. Ксенија Јанковиќ, а во моментот е на пост-дипломски студии на Универзитетот за уметности во Берлин во класата на проф. Јенс Петер Мајнц. Од октомври 2021 година таа е резидентен уметник за камерна музика на капелата „Кралица Елизабета“ во Брисел, а од септември оваа година ќе биде дел од фондацијата и фестивалска академија „Вила Музика“.
Пијанистот Александар Џермановиќ во моментот е на докторски студии под менторство на Доријан Лелјак на Академијата за уметности во Нови Сад, кои следат по неговите специјалистички студии на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург во класата на Жак Рувие, и пост-дипломски студии на Кралскиот колеџ во Лондон во класите на Иан Џонс и Дмитри Алексеев. Добитник е на бројни награди за пијано и камерна музика, се издвојуваат златниот медал на натпреварот „Менхетен“ во Њујорк, првата награда на меморијалниот натпревар „Исидор Бајиќ“, и награди во сите категории на Меѓународниот натпревар на славјанска музика во Москва.
Александар има настапувано во салите ширум Европа во Русија, Велика Британија, Данска и во родната Србија. Настапува со Кралскиот оркестар во Тунбриџ Велс, со Симфонискиот оркестар на Војводина, оркестарот во Рочестер, Симфонискиот оркестар на Академијата за уметности и „Камерата Академика“ под диригентските палки на Џанлука Марчано, Нил Томпсон и Александар Којиќ. Александар Џермановиќ е доцент на Академијата за уметности во Нови Сад и генерален менаџер на Меѓународниот натпревар за пијанисти „Исидор Бајиќ“.
Претходно, концерт на учесниците на меѓународниот музички мајсторски курс под раководство на пијанистката Тамила Гулијева и виолинистот Емилио Перцан ќе се одржи од 17 часот во црквата „Света Софија“.
Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан постои од 2009 година. Првите три години се одржува во Истра, Р. Хрватска, за од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија да продолжи да се одржува во Охрид.
Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија, а досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од овие и други земји.
На семинарите, исто така редовно учествуваат педагози и изведувачи, професионални музичари који доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
