Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, политичките партии во земјава продолжуваат со предизборните коалицирања. На помалку од една недела до официјалниот почеток на изборната кампања дефинирани се пет коалициски групирања – „Коалиција за европска иднина“ предводена од СДСМ, коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалиција „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалиција „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ и коалиција „ВРЕДИ“ на албанската опозиција.
Самостојно на изборите, според досегашните најави, одат ЗНАМ – За наша Македонија и партијата „Левица“.
Следната недела на 4 април започнува изборната кампања за седмите претседателски избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати. Парламентарните избори, пак, се закажани на 8 мај, а до 2 април учесниците на изборите треба да ги достават до ДИК листите со кандидати за пратеници.
