Голем пожар го зафати станбено-деловниот комплекс „Арлис“ во Тирана, при што најмалку 11 лица се повредени, а дел од нив се здобиле со потешки изгореници, информираат албанските служби.
Огнот избувнал во еден дел од објектот и за кратко време се проширил на повеќе катови, предизвикувајќи паника меѓу жителите и значителна материјална штета. Според надлежните, ситуацијата била особено критична поради ризикот од проширување кон соседните згради.
Директорот на службата за вонредни состојби, Арбен Кара, изјави дека пожарот бил ставен под контрола по интензивна и координирана акција.
„Успеавме да го локализираме огнот и да спречиме катастрофа од поголеми размери, но сè уште има жаришта на кои се работи“, истакна Кара.
Пожарот го зафатил североисточниот дел од комплексот – од приземје до највисоките катови, оставајќи зад себе сериозни оштетувања. Во интервенцијата учествувале над 50 пожарникари, со поддршка од армијата.
Од Итната медицинска помош потврдуваат дека меѓу повредените има и припадници на противпожарните служби. Според директорот Скендер Братај, една жена е хоспитализирана со изгореници на околу 15% од телото, но е во стабилна состојба.
„Пет лица се задржани на токсикологија, а бројот на повредени сè уште се утврдува“, додаде Братај.
Додека екипите сè уште се борат со преостанатите жаришта, причините за избувнувањето на пожарот засега остануваат непознати и се предмет на истрага.
