HomeАктуелноЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА СОВРЕМЕНА КАТНА ГАРАЖА ВО ОХРИД

ЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА СОВРЕМЕНА КАТНА ГАРАЖА ВО ОХРИД

Денеска во Охрид свечено беше означен почетокот на изградбата на современа катна гаража во централното градско подрачје, на локацијата на поранешниот паркинг на Градскиот пазар.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

‎На настанот присуствуваа градоначалникот Кирил Пецаков,  претседателот на Владата Христијан Мицкоски, потпретседателoт на Владата, Александар Николоски, пратеници, претставници на институции и јавни претпријатија.

‎Станува збор за капитален инфраструктурен проект со вкупна вредност 106.563.435,28 денари со вклучен ДДВ. Според проектната документација, објектот ќе содржи приземје, пет ката и тераса, а ќе обезбеди капацитет од над 200 паркинг места.

‎Овој значаен проект е резултат на успешната апликација на Општина Охрид на вториот Јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти, објавен од Министерството за локална самоуправа, што претставува уште една потврда за добрата соработка меѓу локалната и централната власт.

‎Градоначалникот Пецаков истакна дека изградбата на катната гаража е од исклучително значење за градот.

„Со реализацијата на овој проект започнуваме со решавање на долгогодишниот проблем со паркирањето и сообраќајниот метеж, особено во туристичките месеци. Ова е инвестиција која ќе донесе подобра организација на сообраќајот и поголема функционалност на централното градско подрачје“, истакна Пецаков.

‎Премиерот Мицкоски ја нагласи важноста на поддршката од централната власт за вакви проекти, потенцирајќи дека инвестициите во локалната инфраструктура се клучни за рамномерен развој и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

‎Во рамки на денешната посета, делегацијата изврши и обиколка на пумпната станица „Метропол“, каде што е реализиран значаен проект за модернизација на водоснабдителниот систем. Со замената на застарената опрема со нови, енергетски ефикасни и автоматизирани пумпи, обезбедено е сигурно и континуирано снабдување со вода за граѓаните на Охрид и околните населени места. Дополнително, со оваа инвестиција се постигнува и значително намалување на трошоците за електрична енергија, што придонесува за зголемена ефикасност и стабилност на јавното претпријатие „Водовод“.

‎Исто така, владината делегација  изврши и увид  на градежните работи за реконструкција на плоштадот „Чинар“, кој се реализира со средства од Буџетот на Општина Охрид.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.