Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина нема да отстапи територија во замена за мир со Русија.
Зеленски за СНН изјави дека Украина не сака да ѝ отстапи ниту една педа територија на Русија и посочи дека територијалните отстапки нема да бидат дел од дипломатските преговори за завршување на војната.
„Украинците не се подготвени да се откажат од својата земја, да прифатат дека овие територии и припаѓаат на Русија. Ова е нашата земја“, рече Зеленски.
Тој ја повтори поканата до американскиот претседател Џозеф Бајден да го посети Киев, оценувајќи дека тоа ќе испрати порака до Русија и светот.
„Би сакале да го видиме претседателот Бајден во Украина. Слушнав дека ја поддржува идејата. Има некои безбедносни прашања што стојат на патот на неговата посета, ние го разбираме тоа“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател оцени дека посетите на светските лидери на Киев даваат сигнал дека ја поддржуваат Украина бидејќи веруваат во нејзината победа и дека, како што наведе, „не се плашат од Русија“.
