Меѓу позначајните празници што македонскиот народ ги празнува со посебно внимание се и неколкуте празници на Пресвета Богородица мајката на Спасителот Исус Христос.
Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените кои немаат деца веруваат дека со милоста на Света Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.
Православната Црква на 15/28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Небозрачната светлина со која сјае Нејзиниот лик го осветлува и овој празник, на кој човекот веднаш сфаќа дека смртта е всушност чин на животот. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас, ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост.
Успение на Пресвета Богородица — главната манастирска црква на Скребатинскиот манастир во охридското село Скребатно.
Во духот на верата и традицијата Скребатно го чествува големиот христијански празник посветен на Голема Богородица.
Илјадници верници по традиција вчера и денес се упатуваат кон Скребатно каде ќе се помолат во храмот посветен на Пресвета Богородица, по што денес за сите беше поделен и традиционалниот ручек кој се служи од оваа црква.
новинар: Елена Ристеска
