фото: приватна архива
Електричните тротинети се сè поприсути со нивното учество во сообраќајот, особено кога доаѓаат пролетните потопли денови се почесто можат да се забележи управување на електричен тротинет.
Електричните тротинети многу често се користат за одговорно однесување кон животната средина и решавање на проблемот со аерозагадувањето, па не ретко можеме да видиме и наши политичари кои управуваат електричен тротинет со цел да помогнат за зачувување на чиста околината и природа.
Денес, редакцијата на powerinfo.mk разговарa со помошник министерот за односи со јавност и портпарол на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски со цел да откриеме колку електричните тротинети се безбедни во учеството во сообраќајот, дали и како се регулирани истите.

1. Како електричните тротинети се регулирани во сообраќајот?
Употребата на електрични тротинети е многу популарна кај нас во послeдниве години и постојано се зголемува нивната употреба. Со самото тоа се наметнуваше прашањето за нивна регулација. Во целиот свет ова е ново превозно средство и сите држави наоѓаат начини како тоа да го регулираат. Ние користевме искуства од европските земји, направивме и неколку дебати со експерти, побаравме експертско мислење, сè со цел да изнајдеме решение што ќе биде најдобро, односно најдобро ќе се вклопи во условите во нашата држава. Сето тоа резултираше со регулирање на управувањето на електрични тротинети со измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата донесени во декември 2020 година. Се разбира, убаво е граѓаните да се превезуваат со тротинети, пред се затоа што така влијаеме на намалување на загадувањето, но тоа што некој употребува такво средство за превоз не значи дека за него не важат сообраќајните правила и прописи. Напротив, мора да се почитуваат правилата за да обезбедиме безбедност и за лицето кое управува електричен тротинет, но и за другите учесници во сообраќајот, вели за powerinfo, потпаролот на МВР Тони Ангеловски.
2. Кој може да управува електричен тротинет, дали треба некоја посебна дозвола и дали има законски утврдена возраст за дозвола за управување на електричен тротинет?
Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст и не е потребна посебна дозвола. Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото.
3. Дали управувачите на електричен тротинет се должни да носат заштитна опрема и дали сообраќајната полиција врши контроли на управувачите на електричен тротинет?
Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото. Исто така, возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, должен е да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото. На возачот кој не го почитува ова му се изрекува прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност. Сообраќајната полиција постојано врши контроли за почитувањето на сообраќајните правила и прописи, а секако дека се контролираат и возачите на електрични тротинети. Но, сите ние како учесници во сообраќајот мора да бидеме свесни дека мора да ги почитуваме правилата за да на тој начин останеме безбедни, а не за да ја избегнеме казната од полицијата. Доколку сите ги почитуваме правилата, нема да има сообраќајни несреќи затоа што несреќите се резултат токму на непочитувањето на правилата.
4. Дали има посебна сообраќајна сигнализација за управувачите на електричен тротинет?
Не. Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека односно друга површина наменета за движење на пешаци. Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.
5. Дали имате информација за сообраќајни несреќи со учество на електричен тротинет и колку се тие безбедни за употреба, не само за управувачите туку и за другите учесници во сообраќајот?
Во текот на 2021 година нема загинати возачи на електрични тротинети, со тешки телесни повреди има 11 возачи, а со телесни повреди има 22 возачи. Оваа година нема загинати ниту повредени, но сезоната на употреба на електрични тротинети почна неодамна и затоа ваквите податоци не смеат да не олабават. Напротив, мора сите, без оглед дали управуваме електричен тротинет или на друг начин учествуваме во сообраќајот, да дадеме свој придонес со почитувањето на сообраќајните правила и прописи.
6. Дали има определена дозволена брзина на движење на управувачите на електричен тротинет?
Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 km/h, а доколку се движи по тротоар, пешачка патека односно друга површина наменета за движење на пешаци, брзина не смее да биде поголема од 6 km/h. Доколку се движи со поголема брзина, се изрекува прекршочен платен налог со глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност.
фото: МВР
7. За крај, дали имате некоја порака или апел за сите граѓани кои ги користат електричните тротинети?
Ние како МВР продолжуваме со сообраќајните контроли, но и со превентивните акции за да ја подигнеме сообраќајната култура и да влијаеме врз учесниците во сообраќајот да бидат свесни дека токму тие со своето поведение се клучен фактор за да имаме побезбеден сообраќај. Апелирам до сите учесници во сообраќајот, а секако меѓу нив и оние што управуваат електричен тротинет, да ги почитуваме правилата и заеднички да придонесеме за поголема безбедност, додава за powerinfo , потпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
подготвил: Елена Ристеска

фото: МВР