Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека уште денеска до сите полициски службеници во државата ќе биде испратена телеграма со нови и прецизни инструкции за постапување во случаи на сомнеж за семејно насилство.
Како што истакна, сите полицајци ќе добијат јасни насоки како да реагираат при секоја пријава или индиција за ваков вид насилство. Според најавата, секое лице кое ќе биде посочено како можен сторител – без разлика дали станува збор за маж или жена – ќе биде повикано на информативен разговор во полициска станица.
– Во секој случај каде што постои сомнеж, дури и најмал, лицето кое е посочено како сторител ќе биде повикано на разговор – изјави Тошковски.
Министерот појасни дека телеграмата ќе биде доставена до сите полициски службеници на територијата на државата и дека ваквото постапување е во согласност со Законот за полиција.
На прес-конференцијата тој се осврна и на трагичниот случај во скопски Карпош, каде мајка и шестгодишно дете го загубија животот по пад од зграда, само неколку часа по пријава во полиција за семејни несогласувања.
Тошковски упати апел до граѓаните веднаш да пријавуваат секој сомнеж за семејно насилство. Воедно најави и дополнителна проверка на постапувањето на институциите во случајот во Карпош, со посебен акцент на координацијата со Центарот за социјална работа.
