HomeАктуелноЛетник – Народни обичаи и верувања

Летник – Народни обичаи и верувања

Празник на летото, Летник. Во народот постои верување дека тоа што ќе го правите на Летник,  ќе го правите цело лето.

Летник е македонски народен празник, којшто се празнува секоја година на 1 март по стар календар и е поврзан со враќањето на птиците преселници од јужните краишта во Македонија. Овој празник всушност во народните верувања е празник за почеток на пролета односно летниот период, периодот на цутењето на пупките на дрвјата и почетокот на земјоделските работи. Поради ова негово значење, празникот често е квалификуван и како празник за почетокот на годината во смисол на активниот работен период од годината.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

created by InCollage

Празникот најчесто се празнува во Западна Македонија, односно во Галичник и Мијачијата, Голо Брдо, Пустец, Дебарско, Преспа, Охридско и Струшко. Празникот има повеќе народен отколку верски карактер па така во оние области каде живеело верски мешано население Македонци-православни и Македонци-муслимани како во Голо Брдо и Реканската област празникот го прославувале сите, и православните и муслиманите. Поради тоа што е прославуван и од христијаните и од муслиманите, за празникот се смета дека е од паганско потекло. Со процесот на миграција од село во град овој празник е главно запоставен, но тој сѐ уште се празнува во руралните региони на Голо Брдо и Мала Преспа како и во Струшки Дримкол. Поради тоа што овој празник е празнуван само од етничките Македонци (и христијани и муслимани) и неговото славење е најпознато во просторите етничка Македонија, овој празник се смета како етнички македонски народен празник.

Меѓу позначајните обичаи на овој празник е правењето мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец околу вратот или на рацете и нозете. Најчесто ги носат децата, но во некои краеви ги носеле сите членови во семејството како магиска заштита од несреќи. Во Дебарца – охридско, мартинките се правеле од бела и црна волна но само од волна што била оскубана од овците. Кога мартинките ќе биле готови им ги шиеле некому околу појасот, на други на ногата или околу раката. Притоа се велело “Гад в гора (името) в поле“. Со тоа змиите, смоковите и другите гадинки се праќале во гората далеку од луѓето. Ги викале гадови, не им ги спомнувале имињата, зошто според верувањето ако им го кажеле вистинското име тие веднаш ќе дојделе. На помалите деца мартинка со паричка им врзувале околу вратот. Мартинките ги носеле се додека не виделе ластовица или штрк, тогаш ги фрлале велејќи: “На ти ластојце мартинка да ми дајш кошула“.

Во Дебарца (Охридско) мартинките се правеле од бела и црна волна, но само од волна што била оскубана од овците. За таа цел волна се собирала по смреките, плотовите, јаслите и други места каде што минувале или престојувале овците.

Во Охрид се верувало дека мартинките ги штителе да не ги касаат змиите кога оделе во полето. Мартинките се сучеле мижејќи „за да бидат како слепи змијте и да не и вижџет љуѓето, ко ќе минет покрај ними“.

Во Охрид, Дебрца и Голо Грдо рано утрото на овој ден сите домашни излегувале во дворот и се враќале со со гранки, трески, љуштенки и сл. и ги ставале во огнот, за како што тој се силел, да се силеле и пилињата, да се ваделе сите јајца под квачката.

Во Дебарца сè што се зело на заем, се враќало на Летник зашто се верувало дека ако останел долг на овој ден, ќе се должело цела година.

Во Голо Брдо по станувањето наутро гледале да видат птица за да бидат лесни во работата, а во џебот држеле некаква сребрена пара за преку целата година да имаат пари во џебовите. И христијаните и муслиманите сучеле црвен и црн конец за одбрана од вопер (вампир) држејќи ги рацете одназад. Потоа го зашивале овој конец на клашеникот одзади, а го симнувале на Ѓурѓовден и го обесувале на трендафил.

Во дебарското село Битуше спроти Летник во секој дом се подготвувало сито во кое се ставале бела погача, три дренови гранчиња и златна паричка. Сребрената пара била врзана за врвка од бел и црвен конец, што се носел околу вратот како ѓердан или околу раката како белезгија.

 

Е.Р

 Забрането преземање на оваа содржина

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.