Најновите податоци на Евростат покажуваат дека Македонија е меѓу земјите со најголемо подобрување на куповната моќ на граѓаните во Европа. Иако според номиналниот износ на минималната плата земјата се наоѓа во долниот дел од европската листа, сликата е поинаква кога ќе се земе предвид реалната куповна моќ.
Според пресметките врз основа на стандардот на куповна моќ (PPS), Македонија напредува од 24. на 16. место меѓу европските земји, односно бележи скок од осум позиции. Ист напредок има и Романија.
Овој показател укажува дека со минималната плата воМакедонија може да се купат повеќе производи и услуги отколку што би можело да се заклучи само врз основа на нејзината номинална вредност.
Северна Македонија истовремено бележи и најголемо зголемување на минималната плата во Европа во периодот од јануари до јули 2026 година. Минималната плата е зголемена за 6,9 проценти, што е највисок раст меѓу 29 анализирани европски земји.
Во истиот период, само уште седум држави ги зголемиле минималните плати, додека во останатите тие останале непроменети, и покрај инфлациските притисоци.
Рангирањето според куповната моќ дава поинаква слика од онаа што ја покажуваат номиналните износи на платите, бидејќи PPS ги зема предвид разликите во цените меѓу државите и покажува колку производи и услуги реално може да си дозволи работник со минимална плата.
Според овие податоци, Македонија по куповна моќ се наоѓа пред повеќе земји членки на Европската Унија, меѓу кои Малта, Словачка, Унгарија и Чешка.
Подобрување бележат и Србија, Хрватска и Бугарија. Србија напредува за пет места, додека Хрватска и Бугарија се искачуваат за по три позиции.
На спротивната страна е Естонија, која бележи најголем пад и се спушта од 16. на 26. место. Летонија, Чешка и Кипар, пак, губат по четири позиции на листата според куповната моќ.
Податоците покажуваат дека во услови на раст на цените, земјите кои не ги приспособиле минималните примања бележат слабеење на реалната куповна моќ. Токму затоа номиналната висина на минималната плата сама по себе не дава целосна слика за животниот стандард.
Позначајно е колку производи и услуги може реално да се купат со тие приходи и во колкава мера растот на платите го следи зголемувањето на трошоците за живот.
Најновите податоци ја вбројуваат Македонија меѓу земјите со најголемо подобрување на куповната моќ во Европа во текот на 2026 година. Иако земјата и понатаму е под нивото на најразвиените европски економии според висината на минималната плата, нејзината реална вредност е повисока кога ќе се земат предвид разликите во цените.
