Министерството за јавна администрација денеска го започна првиот дел од најголемата програма за професионален развој на административни службеници во историјата на државата. Под слоганот „Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, генеричките обуки во првата фаза ќе опфатат 1.000 службеници од различни институции.
Првите тренинзи започнаа во Скопје со учество на над 500 административни службеници, кои ќе минат низ систематски и стандардизирани програми.
На свеченото отворање присуствуваа претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, министри, претставници на дипломатскиот кор, меѓународни и граѓански организации и бројни гости.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна дека ова е првиот чекор кон создавање професионална, етичка и одговорна администрација која работи во интерес на граѓаните.
Овие обуки не се само за административните службеници – тие, пред сè, се во функција на граѓаните. Посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас, порача министерот.
Тој ја нагласи и важноста на новоформираната Академија за јавни службеници – прва институција од ваков вид во земјата, која ќе биде „срце на модерната администрација, куќа на знаењето и лабораторија на нови идеи“.
Минчев потенцираше дека во министерството се работи посветено на усогласување на законската регулатива со европските стандарди. Според него, историски исчекор е донесувањето на пакетот реформски закони – Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Законот за инспекциски надзор и Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници.
Обуките се реализираат со поддршка на меѓународни партнери и експерти, меѓу кои РЕСПА, ЦЕФ, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Вита институтот и Економскиот факултет при УКИМ.
Во следните месеци ќе се спроведат и регионални обуки во источниот, полошкиот и пелагонискиот регион, за да бидат опфатени сите административни службеници во земјата.
