Министерството за внатрешни работи соопшти дека е расчистено убиството кое ја вознемири јавноста во Виница, а како главен осомничен се појавува 80-годишен грчки државјанин.
Во координирана акција на Министерството за внатрешни работи, ОВР Виница и Основното јавно обвинителство Кочани, приведени се вкупно четири лица поврзани со случајот, меѓу кои и странски државјани.
Истражителите извршиле претреси во возила и апартмани каде што престојувале осомничените, при што биле откриени шокантни докази – четири ловни пушки, околу 800 парчиња муниција, како и други предмети кои можат да бидат клучни за целосно расветлување на случајот.
Приведени се И.Л. (24), Г.П. (80) и С.Р. (55) од Грција, како и С.З. (57) од битолското село Жабени. Против сите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Телото на 56-годишниот Д.А. беше пронајдено вчера во близина на градските гробишта во Виница, што дополнително ја зголеми вознемиреноста кај локалното население.
Истрагата продолжува, а надлежните не ја исклучуваат можноста за поширока позадина и дополнителни инволвирани лица.
