Министерството за образование и наука објави конкурси за доделување стипендии во девет категории за ученици од средните училишта во државата за учебната 2026/2027 година.
Најголем број, односно 1.570 стипендии, се наменети за ученици запишани во дуални паралелки. Станува збор за ученици во стручно образование каде што се реализира практична настава со зголемен број часови, согласно наставните програми за стручно образование.
За социјална поддршка на ученици од јавните средни училишта се предвидени 900 стипендии, додека 300 стипендии се наменети за ученици од средното образование кои следат издвоени наставни програми.
Дополнително, ќе бидат доделени 180 стипендии за ученици со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта.
По 150 стипендии се предвидени во три категории. Тие се наменети за ученици кои следат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование со тригодишно траење, за талентирани ученици – спортисти од јавните и приватните средни училишта, како и за талентирани средношколци од јавните и приватните училишта, со исклучок на талентираните ученици од областа на уметностите.
МОН објави и конкурси за 50 стипендии наменети за ученици кои се деца без родители и посетуваат настава во јавни или приватни средни училишта.
Уште 50 стипендии ќе бидат доделени на талентирани средношколци од областа на уметностите кои се школуваат во јавните или приватните средни училишта во државата.
Конкурсите се однесуваат на учебната 2026/2027 година, а условите и начинот на аплицирање се утврдени во објавените конкурси на Министерството за образование и наука.
