По пукањето со автоматско оружје и убиството на осум луѓе во селото Дубона кај Младеновац, осомничениот 21-годишен напаѓач е уапсен во Крагуевац, како што јавија српската државна телевизија РТС и државната новинска агенција Танјуг, повикувајќи се на свои извори.
Напаѓачот во четвртокот вечерта со автоматско оружје пукал во група луѓе, убивајќи осум и ранувајќи повеќе од десет од присутните.
Сведоци за медиумите во Србија изјавиле дека било пукано додека седеле на клупи во центарот на селото, а извршителот пукал на нив од автомобил. Според непотврдени информации, меѓу жртвите се и еден полицаец и неговата сестра.
Извршителот побегнал по нападот, а полицијата организирала голема потера со учество на над 600 полицајци, меѓу кои припадници на антитерористичка единица. Потрагата била вршена и со хеликоптери и дронови. Градот Крагуевац, каде е уапсен осомничениот убиец, се наоѓа на околу 100 километри од местото на злосторството.
