Утре е Прочка. Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите и слично се остатоци од претхристијанските пролетни забави.
Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници како што се: Тодорова Сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
Февруари е посебен месец, краток, колеблив и неодлучен, а во народот е познат под прекарот „сечко“, месец на мразовите. Постојат многу народни верувања за овој месец. Старите го толкувале времето според случувањата во природата, затоа и според стариот календар се велело дека ако февруарското сонце ги измами мувите, март ќе ги подави. Старите велат дека подобро е да се видат гладни полиња отколку в поле човек во кошула.
Ако мачка се сонча на февруарско сонце, во март ќе биде зад печка.
Ако на Св. Јевтимиј процвета цвеќе, на Цветници ќе замрзне.
Ако на Св. Трифун заврне, сливата ќе роди таа година.
Ако на Прочка е сончево, во март ќе снежи.
