Српските туристи деновиве се соочуваат со големи колони со гужви, стрес и тензија на граничниот премин Табановце.
Причината за тоа се казните кои ти ги добиваат преку системот „Safe City“ кој од неодамна почна да важи и за странците. Системот за автоматско препознавање на регистарски таблички (ANPR) сега е целосно интегриран со граничните премини, што предизвика вистински колапс на шалтерите.
Камерите поставени на клучните делници од Коридорот 10 низ Македонија автоматски ги регистрираат сообраќајните прекршоци. Пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло или друг прекршок се евидентираат во системот без дополнителна интервенција.
Проблемот за возачите, особено за странските државјани, се појавува кога ќе пристигнат на граничниот премин Табановце и ќе се обидат да ја напуштат земјата. Доколку системот регистрирал неплатена казна, на екранот на граничната полиција се појавува известување, по што возачот се исклучува од сообраќај и му се врачуваат соодветниот извештај и платен налог.
Странските државјани мора да ги подмират обврските пред да ја напуштат Македонија, што во одредени периоди создава дополнителен метеж на преминот. Пред шалтерите на банките и поштата се формираат редици од возачи кои чекаат да ги платат казните, а целата постапка ја забавува работата на граничните служби.
На српските портали кои известуваат за состојбата на граничните премини и за патот кон Грција, во едно видео на социјалните мрежи објаснија зошто всушност се прави метеж на граничниот премин.
„Ги издвојуваат автомобилите без никакво објаснување, освен со прашањето: ‘Дали имате казна?’ Потоа ви го земаат пасошот и ви велат да се паркирате подолу. Во просек се чека во ред од 1 до 2 часа.
Само ви кажуваат колкав износ треба да платите. Во нашиот случај тоа беше околу 627 денари, односно приближно 12 евра. Кога ќе побарате да ви објаснат зошто сте казнети, за каков прекршок станува збор и да ви ја покажат снимката, единствениот одговор е дека ‘така стои во системот’.
Казната може да се плати само по електронски пат. Проблемот не е во самата казна, туку во постапката – плаќате пари без да ви биде приложен каков било доказ за направениот прекршок.“ – изјавил некој турист за „Никана.гр“.
Во коментарите под објавата, српските туристи се бесни на системот бидејќи не добиле докази какви што сметаат дека треба да добијат.
Од друга страна, денеска Министерството за Внатрешни работи официјални излезе со објава за начинот на кој ќе функционира системот „Safe City“ за странците – односно воведувањето на нова апликација, за брз и олеснет процес.
„Преку апликацијата странските државјани ќе можат едноставно и директно да добијат информации за сообраќајните прекршоци евидентирани со системот „Безбеден град“, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози, како и да ги подмират глобите по електронски пат.
При логирањето, потребно е возачот да ја слика или скенира својата патната исправа и да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата кои тој ги користи во нашата држава.
На овој начин, странските возачи кои со своите возила ќе бидат евидентирани дека сториле сообраќаен прекршок на територијата на целата држава, ќе можат навремено и едноставно да се информираат и да ја регулираат својата обврска, без потреба од дополнително задржување на граничните премини“ – пишува во соопштението од МВР.
