Традиционалната хуманитарна акција „За посреќно детство“, во организација на Црвен крст Охрид, ќе се одржи во сабота, 4 октомври, со богата програма исполнета со спортски, културни и едукативни содржини.
Настанот започнува во 11 часот со главната трка на младите, со старт од Кеј Македонија (пред хотел „Палас“) и цел пред Центарот за култура „Григор Прличев“.
Спорт, култура и многу награди
По трката, програмата ќе продолжи со спортски активности, културно-забавни и здравствено-едукативни содржини, проследени со голем број награди за учесниците.
Како новина оваа година, од 14 часот на Градскиот плоштад „Климент Охридски“, посетителите ќе можат да уживаат во настапите на охридските бендови:
„Камелеон“
„The Backdoor band“
„Urban Planet“
„No Fun“
Хуманитарен карактер
Учеството на акцијата се обезбедува со купување учеснички број по цена од 50 денари. Средствата ќе бидат наменети за помош на деца со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца.
Секој кој ќе купи број добива можност да учествува во големата наградна игра со повеќе од 20 вредни награди – меѓу кои четиридневен престој во Суботица, викенд во Крушево, компјутерска галантерија и многу други. Дополнително, учесниците ќе можат да се натпреваруваат во различни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, хулахоп, скокање со јаже, пикадо и други креативни игри.
Поддршка и традиционални партнери
Традиционален партнер на акцијата е Стоматолошкиот Центар Д-р Баткоски, кој и оваа година обезбедува награди, изненадувања и бесплатни совети за правилна грижа и заштита на забното здравје.
Учесничките броеви веќе се во продажба и можат да се набават кај мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид, како и во просториите на организацијата на ул. Димитар Влахов бр. 52.
Со купување на учеснички број секој граѓанин станува дел од оваа хуманитарна приказна и директно придонесува за посреќно детство на најмладите.
