Охриѓани денеска, а стружани утре ќе се информираат за тоа како може да дојдат до бесплатна правна помош.
– Тие ќе се обидат да допрат до разни локални заедници за да им дадат детални информации за тоа каде и како можат да најдат бесплатна правна помош и кои институции/организации ја даваат. За време на настанот, учесниците ќе имаат можност да им постават прашања на експерти од областа и да добијат одговори, како и да добијат лесно разбирливи информативни материјали за конкретните теми за коишто може да се побара и добие бесплатна правна помош, вклучувајќи семејно насилство, имотни прашања, дискриминација, социјална заштита, велат организаторите.
Информативните активности, организирани во 12 општини во Македонија, од 13-ти јули до 20-ти август, се очекува да ги зајакнат знаењата за бесплатната правна помош меѓу жителите на локалните заедници, но, исто така и меѓу правните професионалци, на тој начин подржувајќи поширок пристап и искористување на овие правни услуги, со особен фокус на ранливите групи, како што се жените и децата.
Кампањата за БПП во Македонија се спроведува од 2021 година и има за цел да ги промовира овие услуги како еден достапен и функционален механизам што нуди ефикасна правна заштита на граѓаните и најважно од се’, осигурува еднаков пристап до правната помош за оние кои инаку не би можеле да си ја дозволат.
Овој настан се организира во рамки на заедничкиот проект на Европската унија и на Советот на Европа за поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Република Македонија. (Крај)
