Пет лица биле опфатени во полициските билтени од Охрид и Кичево во изминатиот викенд, меѓу кои и тројца возачи кои управувале возила под дејство на алкохол. Кај еден од нив биле измерени дури 2,20 промили алкохол во крвта.
Според информациите од СВР Охрид, на 7 ноември во 04:35 часот, на булеварот „Туристичка“ во Охрид, бил лишен од слобода 28-годишен охриѓанец. При сообраќајна контрола, полицијата сопрела автомобил „БМВ“ со охридски регистарски таблички, кој го управувал, а алкотестирањето покажало 1,68 промили алкохол во крвта.
Истиот ден, во 23:57 часот, на улицата „Магистрален пат“ во Кичево, бил лишен од слобода 55-годишен жител на Македонски Брод. Тој управувал автомобил „Пасат“, а алкотестирањето покажало 1,74 промили алкохол. По насоки на јавен обвинител, возилото му било одземено.
Највисока концентрација на алкохол била измерена кај 40-годишен скопјанец, кој на 8 ноември во 00:49 часот бил запрен на улицата „Партизанска“ во Охрид. При контролата на автомобил „Ауди“, алкотестот покажал 2,20 промили алкохол во крвта. По насоки на јавен обвинител, и неговото возило било одземено.
Пријавен физички напад и нарушување на јавниот ред и мир
Покрај сообраќајните прекршоци, полицијата регистрирала и два инцидента во Охрид.
На 7 ноември во СВР Охрид било пријавено дека претходната вечер, околу 23:40 часот, во угостителски објект на кејот „Македонија“, Х.Р. физички го нападнал 19-годишниот Т.Н., двајцата од Охрид.
Истиот ден, во 23:45 часот, на улицата „Абас Емин“, полицијата лишила од слобода 32-годишен охриѓанец, по пријава дека во алкохолизирана состојба го нарушувал јавниот ред и мир со викање и непристојно однесување.
Од СВР Охрид информираат дека по целосно документирање на сите настани против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.
