По минатогодишната загуба од над 1,9 милиони евра, Тутунски комбинат Прилеп годинава бележи позитивен резултат – добивка од 17,8 илјади евра заклучно со септември. Иако износот не е голем, компанијата остварила значаен исчекор, особено поради силниот раст на продажбата на домашниот пазар, каде приходите се зголемени за дури 296,1%.
Оперативните приходи, кои лани изнесувале 8,9 милиони евра, годинава достигнале 18,1 милион евра, што е раст од 103,7%. Главен двигател на овој резултат е домашниот пазар, каде се реализирани продажби од 8,26 милиони евра, во споредба со нешто над два милиони евра во истиот период минатата година. Истовремено, приходите од извоз се зголемени за 103,8%, достигнувајќи 9,87 милиони евра.
Оперативните расходи се зголемени за 67,3%, или за 7,4 милиони евра повеќе во апсолутен износ, и на крајот на септември изнесуваат 18,4 милиони евра.
Финансиските приходи бележат раст од 21,7%, достигнувајќи 671,6 илјади евра, додека финансиските расходи се зголемени за 21% и изнесуваат 438,6 илјади евра.
Од компанијата велат дека се задоволни од тековните резултати и дека очекуваат позитивната тенденција да продолжи до крајот на годината.
