Состојбата на Преспанското Езеро е алармантна. Експертите предупредуваат дека ниското ниво и намалениот квалитет на водата сериозно го загрозуваат живиот свет што опстојува во него. Иако езерото во минатото неколкупати се повлекувало, ваков пад не бил забележан со години.
Поранешните појаси со трска што ги обиколуваа плажите сега се на суво, а пристаништата и платформите на крајбрежните ресторани се оддалечени неколку метри од водата.
Нуркачите сведочат дека акциите за чистење на езерото, кои порано се спроведуваа редовно, сега речиси се невозможни поради зголемената заматеност.
Познавателите на состојбите предупредуваат дека е неопходна долгорочна стратегија за спас и заштита на Преспанското Езеро. Едно од потенцијалните решенија е вештачко надополнување со вода, по примерот на Дојранското Езеро, преку пренасочување на изворишта и други природни водотеци кон Преспа.
