Комисијата за финансирање денеска ја продолжува расправата за Буџетот 2026 – раст, стабилност и 650 милиони евра за инвестиции
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе ја продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2026 година.
Во буџетот за следната година се планирани приходи од 374,7 милијарди денари, расходи од 413,9 милијарди денари и капитални инвестиции во износ од 40,5 милијарди денари, односно околу 650 милиони евра. Проекциите предвидуваат економски раст од 3,8 проценти, инфлација од 2,5 проценти и буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, презентирајќи го документот пред Комисијата, истакна дека овој буџет не е само сет бројки, туку „економска порака за стабилност, доверба и развој“, како и доказ за одговорно управување со јавните финансии.
Таа нагласи дека Владата работи на зајакнување на довербата во институциите, поддршка на приватниот сектор како двигател на економијата и создавање услови за поголеми домашни и странски инвестиции. Со буџетот се задржува континуитетот на економските политики и усогласеноста со Фискалната стратегија 2026–2030.
„Буџетот за 2026 е доказ дека можеме да управуваме паметно и дисциплинирано, дури и во време на предизвици. Овој документ зборува за економија што расте, за држава што инвестира и за Влада што знае што прави,“ нагласи министерката, додавајќи дека најважно е што Владата „не зборува многу – туку испорачува“.
Таа потсети дека е ветена постепена фискална консолидација и дека Владата останува на даденото пред граѓаните и меѓународните партнери.
Проекциите за 2026 година предвидуваат раст на приватната потрошувачка од 2,6%, умерен раст на јавната потрошувачка од 1,4% и стабилизирана инфлација од 2,5%. Се очекува и раст на вработеноста, како и зголемување на просечната нето-плата за 6,5%, како резултат на отворање нови капацитети, проширување на постојните и активните мерки за вработување.
„Севкупно, проекциите укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, поддрзан со одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал и зголемување на продуктивноста и конкурентноста,“ додаде Димитриеска-Кочоска.
Според информациите од Собранието, за Предлог-буџетот се поднесени над 100 амандмани.
Пленарната седница на која ќе се разгледува буџетот за 2026 година е планирана за 9 декември.
