Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информираат од Авто мото сојузот на Република Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Известување:
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Виница-Берово и Кочани-Делчево.
Сезонски режим на сообраќај:
Од 15 април, патниот правец Охрид-Ресен преку Националниот парк „Галичица“, е отворен за сообраќај за сите видови возила.
Работи на пат во регионот:
Во периодот од 17 август до 1 октомври 2026 година, поради изведување работи на објектот „Санација на косина на автопат А4, делница Миладиновци-Свети Николе-Штип (кај наплатна станица Преод)“, ќе биде изменет режимот на сообраќај пред наплатната станица Преод.
Од 6 јули 2026 година започна времена измена на сообраќајот при санација на мост на река Брегалница на Р1204 во Штип и ќе трае до завршувањето на санацијата.
Од 21 мај 2026 година започна изведување на градежни активности-санација на мостови на државен пат А2 делница Гостивар-Стража конкретно на мост бр.4 Вијадукт на Атанасова река и мост бр.7 Вијадукт на Дол и истата ќе трае до завршување на санацијата. Со таа цел ќе биде воспоставен времен режим на сообраќај кој ќе трае до самото завршување на градежните активности.
Од 14 април 2026 година се изведуваат градежни активности на Државен пат А2 делница Гостивар-Стража на мост бр.7 Вијадукт на Дол. Со цел да може да се реализираат работите за санација на мостови, ќе биде воспостовен времен режим на сообраќај додека траат градежните активности.
Од 30 март 2026 година, ќе се изведуваат градежни активности на државен пат А2, мостови на А2 на реката Вардар во близина на селото Желино во двата правци (Скопје-Желино и Желино-Скопје), со цел санација на истите. Времениот режим ќе се спроведува согласно Одобрението за временска измена на режим на сообраќај издадено од Министерство за транспорт.
Од 13 март 2026 година започнаа активности за изведба на премин на интерконективен гасовод под автопат А1 (М1) „Пријателство“, делница Смоквица-Гевгелија. На делницата се поставени знаци за времен режим на сообраќај.
Од 30 декември 2025 година има измена на режимот на сообраќајот на Коридор 10, на делницата Прилеп-Битола, при што сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат Р1101.
На државниот пат А2 (скопска обиколница) се врши рехабилитација во должина од 250 метри од клучка „Волково“ до клучка „Кондово“. Има поставено соодветна сигнализација за затворањето на левата сообраќајна лента за претекнување. Сообраќајот се одвива по лентата за движење (средна) и лентата за принудно запирање (десна).
Од 12 септември 2025 година започна градежна активност-санација на свлечиште на регионален пат Р1202 делница Косоврасти-Мелнички Мост, односно воспоставена е времена измена на режимот на сообраќај до завршување на активностите.
Виадукт Трејд Дооел од 1 септември 2025 година започна со нова фаза на градежни активности, односно воспоставена е времена измена на режимот на сообраќај-времена семафоризација со наизменично пропуштање на возилата при санација на мост Здуње (мост на река Вардар), државен пат А2, делница Гостивар-Стража во временски период од 6 (шест) месеци.
Според известување од Виадукт Треј Дооел Гостивар, како дел од изведбата на Коридор 10Д, во тек е важност на времен режим на сообраќај на патен правец Прилеп-Битола, каде ќе се пренасочи движењето на возилата по регионалниот пат Прилеп-Битола, од делот од клучка Лагово до Тополчани.
