Со европски пари ќе се реновира објектот „Парк“, кој е дел од комплексот околу Офицерскиот дом во Битола. Тој веќе подолг период е руина и го нагрдува центарот на градот, но и реновираниот Офицерски дом. Покрај овој објект, ќе се санира и пациото на битолскиот музеј, место кое често е центар на културните и музичките случувања.
Се планираше повторно да биде објект за културата, но новото раководство планира измени, сака да дополни други содржини. Доколку дозволат од Европската Унија, за нас како министерство не е спорно, доколно дозволат ќе се прошири со други содржини. За нас битно е она што е грда слика за градот да се подобри, изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
На овој начин сметаат дека ќе се привлечат повеќе туристи во градот.
Сме во фаза на разговори да се продолжат тие активности за понатамошна културна презентација на Битола. Така што Битола ја очекува период на културна, туристичка презентација и сето тоа во интерес на граѓаните и што поголем туристички приход во Битола. Туристите и намерниците да останат во Битола, а не да ја одминат, рече Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.
Овие зафати се дел од новиот проект Smart4you2 за кој неодамна Општина Битола потпиша договор со Европската Унија и претставува продолжение на проектот Smart-Cul-Tour, како дел од прекуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија, за поттикнување на туризмот и заштита на културното наследство во Пелагонија и Корча.
