Православните верници и оваа година со голема почит и духовна радост ќе го одбележат празникот Спасовден во манастирот „Св. Спас“ во Горно Лакочереј.
Се очекува голем број верници да присуствуваат на празнувањето, да запалат свеќи и да се помолат за здравје, мир и благосостојба. Традицијата продолжува и годинава, а покрај жителите од селото, на празникот редовно доаѓаат и посетители од Охрид и околните места.
Во рамки на прославата, во среда на 20 мај со почеток од 20:00 часот, ќе се одржи и музичка вечер со пејачот Дарко Стојаноски.
Манастирот „Св. Спас“, сместен во живописна природа недалеку од Горно Лакочереј, претставува едно од позначајните духовни места во охридскиот регион. Со години наназад, манастирскиот комплекс постојано се обновува и уредува, а препознатлива е и камбанаријата изградена над самиот влез во 1986 година.
