Пазарот на недвижности во Македонија во првата половина од 2026 година бележи зголемена активност. Регистрирани се 16.126 трансакции, што е 2,2 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.
Од нив, 11.395 се купопродажби, а 4.731 се закупи. Вкупната вредност на купопродажбите достигнала 625,7 милиони евра, што е раст од 21,3 отсто во однос на првата половина од 2025 година.
Најголем дел од купопродажбите отпаѓа на становите – 3.746, и на земјоделското земјиште и шумите – 3.703. Следуваат куќите со 1.424 и градежното земјиште со 1.366 купопродажби.
Становите имаат и најголема вкупна вредност на реализираните трансакции – 289,1 милиони евра, пред куќите со 101 милион и деловните простори со 98,3 милиони евра. Кај деловните простори е забележан и најголем раст на вредноста, од дури 80,7 отсто во однос на истиот период минатата година.
Меѓу општините, највисока вкупна вредност на купопродажбите е регистрирана во Аеродром – 83,8 милиони евра, потоа во Центар со 78,3 милиони и Карпош со 62,8 милиони евра.
Особено внимание привлекува цената на становите. Највисоката постигната цена по квадратен метар е регистрирана во Општина Центар и изнесува 206.640 денари, односно околу 3.360 евра за квадратен метар.Станот е со површина од 50 квадратни метри и е продаден за 168.000 евра.
Највисоката цена за куќа е регистрирана во Карпош – 1,5 милиони евра, додека најскапиот деловен простор е продаден во Аеродром за 6,8 милиони евра.
Просечната цена на становите од стара градба била највисока во Центар – 1.547 евра за квадрат, пред Аеродром со 1.532 и Карпош со 1.523 евра. Кај становите од инвеститори, највисока просечна цена е регистрирана во Центар – 1.712 евра за квадратен метар.
Податоците се дел од Регистарот на цени и закупнини за првата половина од 2026 година.
