Тензично заврши масовниот антивладин протест што вечерва се одржа во Белград, откако по официјалниот крај на собирот дојде до судири меѓу демонстрантите и српската полиција во близина на парламентот и Пионирскиот парк.
Според информации од српските медиуми и очевидци, за време на инцидентите биле фрлани бакљи, шишиња и пиротехнички средства, по што интервенирала Жандармеријата. Полициските сили поставиле кордони и започнале оттурнување на демонстрантите со цел да ја стават ситуацијата под контрола во центарот на градот.
Директорот на српската полиција, Драган Васиљевиќ, изјави дека протестот првично поминал мирно и дека според полициските проценки на собирот присуствувале околу 34.300 граѓани. Тој посочи дека полицијата го следела протестот уште од утринските часови и дека во тек е идентификација на лицата вмешани во инцидентите. Според официјалните информации, досега се приведени 23 лица.
По немирите се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој порача дека државата нема да дозволи насилство и најави реакција против сите кои нападнале полицајци и предизвикале инциденти.
Од власта протестите беа оценети како политички мотивирани, додека демонстрантите побараа предвремени избори и одговорност за корупцијата во земјата.
Протестот, организиран од студентското движење под слоганот „Студентите победуваат“, се смета за еден од најмасовните антивладини собири во Србија во последните неколку месеци.
