Најмалку 63 лица загинаа, а повеќе од 40 се повредени кога пожар избувна во станбен блок во јужноафриканскиот град Јоханесбург, соопштија властите.
Официјални лица велат дека се уште не е јасно што го предизвикало пожарот во петкатницата во центарот на градот.
Роберт Мулауџи, портпарол на службата за итни случаи, изјави за Би-Би-Си дека пожарникарите успеале да спасат некои жители.
Тој изјави и дека објектот е целосно опожарен и дека потрагата по жртви продолжува.
„Никогаш не сум видел вакво нешто во мојата 22-годишна служба“, изјави пожарникарот за локалната телевизија.
„Пребаруваме кат по кат и ги наоѓаме телата на жртвите“, додаде Мулауџи.
На фотографиите од местото на настанот се гледаат многу покриени тела на жртвите.
Според првите извештаи, станарите на зградата биле претежно мигранти од други африкански земји.
