Православните верници, утре, на 6-ти мај го празнуваат големиот христијански празник, познат како Ѓурѓовден, во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, денот кога се обновува природата и на животот.
Ѓурѓовден е празник кој никогаш не го менува датумот кој секогаш е на 6-ти мај според Греогоријанскиот или на 23-ти април според Јулијанскиот календар. Тој се смета за најголем пролетен празник.
Утре им е именден на Ѓорѓија, Ѓурѓа, Ѓоре и многу други.
Вечерва односно ноќта спроти Ѓурѓовден, во некои краишта било обичај да се собираат зелени гранчиња и растенија, да се плетат венци, а со нив да се закитат вратите и прозорите на куќите, влезните порти и капии. Ова се правело според верувањето дека така годината и домот ќе бидат бериќетни, да има здравје, плодови и род во домот, полето и во шталите.
Светителот, во чија чест се слави овој празник, св. Беликомаченик Георгиј Победоносец бил роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострадал за Христа, а мајка му се преселила во Палестина. Кога пораснал, Георгиј отишол во војска и во својата дваесетта година го стекнал чинот трибун и како таков служел при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапил пред него и одважно се исповеда дека е христијанин. Царот го фрлил во затвор, па наредил нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Натаму во преданието е запишано: Потоа нареди и го врзаа на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи. Потоа му даде да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта.
Кога Св. Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб.
Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии остави сѐ заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.
Освен празникот Ѓурѓовден што се празнува на 6-ти мај (23 април, според Јулијанскиот календар) македонскиот народ празнува уште два празника поврзани со овој светител и тие спаѓаат во зимскиот период кога се празнува со домашни служби (слави). На 16/3 ноември, на денот кога е обновен храмот на св. Георгиј во Лида, се празнува празникот познат како Ѓурѓиц, а на 9-ти декември (26-ти ноември, според Јулијанскиот календар) празникот познат како Св. Ѓорѓи Посен.
