Четири лабораториски потврдени случаи на мали сипаници (морбили) се регистрирани во Македонија, а здравствените власти апелираат до граѓаните да го проверат својот вакцинален статус и да бидат внимателни.
Според информациите од Министерството за здравство, еден од случаите е кај странски државјанин, додека останатите три се македонски државјани од Велес, Штип и Скопје.
Меѓу домашните случаи има две бебиња помлади од 12 месеци и едно лице на возраст над 40 години. Сите тројца се невакцинирани. Бебињата поради возраста сè уште не се опфатени со редовната вакцинација против морбили.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје спроведуваат епидемиолошки анализи за да утврдат дали постои поврзаност меѓу случаите. Засега, како што посочи, нема услови за прогласување епидемија.
Од Министерството апелираат граѓаните да проверат дали примиле две дози МРП вакцина или претходно ја прележале болеста. Посебно внимание се препорачува кај родителите на мали деца, бидејќи заштитата на бебињата кои сè уште не можат да се вакцинираат зависи и од имунизацијата на лицата во нивната околина.
Морбилите се високо заразно вирусно заболување. Најчести симптоми се висока температура, кашлица, течење на носот, црвенило на очите, а потоа и карактеристичен осип по телото.
Здравствените власти препорачуваат лицата кај кои ќе се појават температура и осип најпрво телефонски да се консултираат со матичниот лекар, наместо директно да одат во чекалните на здравствените установи, со цел да се намали ризикот од пренесување на инфекцијата.
Во соседните Косово и Бугарија веќе се регистрирани епидемии на морбили, поради што надлежните повикуваат на зголемена претпазливост, особено кај лицата кои планираат патување во овие земји.
Извор: Министерство за здравство, Институт за јавно здравје.
