Православните христијани денес го одбележуваат споменот на светиот свештеномаченик Харалампиј – празник што народот го нарекува и Чуминден. Овој светител во народната традиција е познат како силен заштитник од болести, а особено од чумата, која некогаш се сметала за најстрашна и најсмртоносна болест.
Именден денес празнуваат: Харалампие, Ламбе, Хари и сите изведени имиња.
Светиот свештеномаченик Харалампиј бил епископ во Магнезија, Тесалија, и пострадал во времето на царот Септимиј Север, во период на жесток прогон на христијаните. И покрај страшните репресалии, тој храбро и јавно ја проповедал Христовата вера. Според преданието, станал особено познат кога воскреснал мртовец, по што многумина поверувале.
Под негово влијание, царската ќерка Галина ја примила христијанската вера и ги уништила киповите на римските богови. Поради тоа, Харалампиј бил подложен на сурови мачења. Според едно предание, му биле отсечени рацете и бил убиен со меч. Според друго, му била одрана кожата, но и тоа го примил со молитва и смирение, пред да го предаде духот на Бога. Имал 113 години кога пострадал, на 23 јануари / 10 февруари 198 година.
Неговата глава и денес се чува во манастирот „Свети архиѓакон Стефан“ во Тесалија.
Во народното верување, свети Харалампиј е претставен како ја држи чумата врзана во синџири – симболично победувајќи го злото и болеста. Во охридскиот крај се верувало дека чумата е олицетворение на ѓаволот, кого светителот го покорил со силата на верата.
Тропар
Маченикот Твој, Господи, Харалампиј, во страдањето свое прими венец нераспадлив од Тебе – нашиот Бог; имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги порази мачителите и ја скрши немоќната дрскост на демоните. По неговите молитви, спаси ги душите наши.
Кондак
Откако се удостои со благодатта на свештенството, славен Харалампие, светло си ја украсил Црквата со божественото страдање, што храбро си го примил заради Христа радувајќи се, чесен светилнику на вселената, кој, како непобедлив, ги озаруваш нејзините краишта.
