Водно доби нов моторички парк изграден од здравите делови на дрвјата што беа соборени во неодамнешното невреме во Скопје. Новата содржина е наменета за деца, млади и возрасни, а слични паркови наскоро ќе бидат изградени и во Парк шумата Гази Баба и во Сарај.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека проектот е дел од пошироките активности за обновување на зелените површини и подобрување на рекреативната понуда во градот. Тој истакна дека по невремето, наместо здравите стебла од паднатите дрвја да завршат како отпад, тие добиле нова и корисна намена.
„Силното невреме што го зафати Скопје остави зад себе големи штети и бројни паднати дрвја. Но, нашата обврска не е само да ја санираме направената штета, туку од секој предизвик да создадеме нешто корисно, трајно и вредно за граѓаните“, порача Ѓорѓиевски.
Новиот моторички парк на Водно е уреден со природни препреки и реквизити кои помагаат во развојот на рамнотежата, координацијата, агилноста и физичката подготвеност. Просторот е осмислен како место каде децата преку игра ќе ги развиваат своите моторички способности, додека младите и возрасните ќе можат да вежбаат и да поминуваат квалитетно време во природа.
Според најавите, на локациите каде што беа отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници, а во втората половина на септември ќе започне и голема есенска акција за пошумување на Скопје.
Градоначалникот потсети дека обновата на Водно опфаќа и други инфраструктурни зафати. Во изминатиот период беше реконструиран патот до Средно Водно, а во тек е уредување на патеките и обновување на урбаната опрема која со години не била одржувана.
Дополнително, на Водно и Матка веќе функционира Планинската спасителна служба, која е подготвена за брзи и професионални интервенции во планински услови. Со тоа, како што истакнуваат од Град Скопје, значително се подобрува безбедноста на посетителите.
„Водно е срцето и зелените бели дробови на Скопје. Го чуваме, го обновуваме и го развиваме паметно, одговорно и со љубов. Чекор по чекор, создаваме Водно какво што заслужуваат скопјани – безбедно, уредено, зелено и исполнето со содржини за сите генерации“, порача Ѓорѓиевски.
Со новиот моторички парк, Водно добива уште една содржина која ја спојува рекреацијата со одржливото користење на природните ресурси, претворајќи ги последиците од невремето во простор за спорт, игра и дружење.
