Околу 12.000 пензионери од Македонија се соочуваат со дискриминација и не добиле зголемена пензија само затоа што живеат во странство. Тие не го добија второто линеарно покачување од 2.500 денари поради измените во Законот за пензиско осигурување, со кои е воведен услов пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија. Ова го утврди Комисијата за заштита од дискриминација.
„Со измената се создава нееднакво третирање без оправдана цел. Пензионери со исти права и ист стаж се исклучени единствено поради местото на живеење. Дополнително, се забележува недоследност – еднаш мерката важи за сите, а вторпат само за резиденти на државата. Надлежните органи воопшто не образложиле која е целта на ваквото исклучување,“ соопшти КСЗД.
Комисијата препорача Министерството за труд и социјална политика, Владата и Собранието во рок од 180 дена да го изменат законот кој ги става во нерамноправна положба пензионерите што живеат надвор од Македонија. Во спротивно, оваа група нема да може да ги добие ниту идните покачувања.
Од Владата за телевизија Сител изјави дека најпрво ќе ја почекаат одлуката на Уставниот суд, каде што се поднесени три иницијативи и веќе е оформен предмет.
„При носењето на одредбата беше земен предвид финансискиот капацитет на системот и потребата да се избегнат трошоци што би го загрозиле буџетот на пензискиот фонд. Иако Уставот гарантира еднаквост, дозволени се разлики доколку се засновани на оправдани и јавни интереси,“ соопштуваат од Владата.
Сличен став има и заменик-министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, кој нагласува дека државата го штити пензискиот фонд и пензионерите активни во него.
„Имаме кревка економија и чувствителен пензиски систем. Држави како Австралија или Франција бараат детални потврди и изводи за претходните пензии пред да одобрат покачување, така што ова не е изолиран случај,“ изјави Велковски.
Зголемените мартовски пензии беа исплатени на 1 април, додека измените на законот се објавени на 8 април. Според Комисијата, тоа значи дека во моментот на исплата законот не бил во сила и не може да се применува ретроактивно, бидејќи тоа е спротивно на Уставот.
Дискриминираните пензионери имаат право да ја тужат државата и да бараат надомест на штета.
