Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, утре, 24 септември, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи културниот настан „Патување кон корените“, во авторство на режисерот Петро Алексовски од Полска.
Настанот се реализира во организација на Полската амбасада во Македонија и НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, а влезот за посетителите е бесплатен.
Програмата предвидува обраќања на претставник на Полската амбасада, претставник на Општина Охрид и авторот на проектот, режисерот Петро Алексовски.
Централно место во програмата ќе има проекцијата на документарниот филм „Македонецот“, создаден според вистинската животна приказна на таткото на режисерот, Мито Алексовски – дете-бегалец од Егејска Македонија. Филмот претставува емотивно сведоштво за судбините на луѓето кои биле принудени да ги напуштат своите домови, истовремено отворајќи прашања за идентитетот, сеќавањето и припадноста.
Во рамки на настанот ќе биде поставена и изложбата „Мајко мила“, која дополнително ќе ја надополни тематиката посветена на корените, семејната меморија и животните приказни поврзани со македонското иселеништво и историските миграции.
Организаторите ги покануваат сите љубители на културата, историјата и документарниот филм да присуствуваат на оваа вечер посветена на личните и колективните спомени, како и на трагањето по сопствените корени.
