3.000 денари за младите: Собранието донесе важна одлука
Собранието на денешната 102. седница усвои повеќе законски решенија, а најголемо внимание привлече Законот за младински додаток, со кој младите до 23 години вработени во производствени дејности ќе добиваат по 3.000 денари месечно.
Пратениците дадоа зелено светло и за измените на Законот за индустриски-зелени зони, кои предвидуваат усогласување со новите законски решенија поврзани со организацијата и работата на државната управа.
На седницата беше донесена и одлука за испраќање припадник на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.
Собранието усвои и повеќе заклучоци со кои оцени дека нема потреба од автентично толкување на одредени членови од законите поврзани со данокот на личен доход, финансирањето на општините и статусот на државните и административните службеници.
Дел од барањата за автентично толкување беа поднесени од пратеници, како и од локални власти.
