Во Велгошти синоќа се одржа традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, посветена на животот, творештвото и книжевното наследство на еден од најзначајните македонски писатели.
Во прекрасниот амбиент пред црквата „Св. Петка“, љубителите на литературата и културата имаа можност да се потсетат на делото на Чинго, писател чии раскази и денес остануваат препознатливи по својата длабочина, човечност и специфичен однос кон македонската стварност.
Централен дел од вечерта беше доделувањето на наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ. Овогодишен лауреат е д-р Марјан Патлиџанковски, кој наградата ја доби за расказот „Службен пат до Тирана“, пријавен под шифрата „Патникот“.
Примајќи го признанието, Патлиџанковски посочи дека делото на Чинго претставува трајна инспирација за сите што создаваат литература, бидејќи во неговите приказни секојдневието, човечките чувства и необичното се испреплетуваат во една препознатлива книжевна целина.
„Вечерва, прифаќајќи ја оваа награда, чувствувам одговорност и обврска да останам верен на приказната, на јазикот и на луѓето за кои пишувам“, истакна лауреатот.
За значењето на Чинго во македонската литература говореше и академик Катица Ќулавкова, која го опиша како еден од големите македонски раскажувачи, чие творештво остави силна и трајна трага врз македонската книжевност и култура.
Во чест на писателот беше положено цвеќе пред неговото спомен-обележје во Велгошти.
Програмата беше збогатена со уметнички настапи, меѓу кои проектот „Македониум“, во изведба на Бојан Маркоски, Стефан Чеменкоски, Ѓоко Чеменкоски, Владимир Србиновски, Виктор Србиновски, Ристе Довлев, Величе Затуроски, Димитар Трпеновски, Софија и Виктор Милески, како и настапот на КУД „Илинден“ од Велгошти.
„Вечер на Живко Чинго“ уште еднаш потврди дека споменот за големиот писател продолжува да живее преку неговите дела, но и преку новите генерации автори кои ја продолжуваат традицијата на македонскиот расказ.
