Кога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето – значи кога стапи во петнаесеттата година од животот – свештениците и соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого. По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на свети Јован Крстител, се договори со другите свештеници, собра дванаесет вдовци од Давидовото племе за да пронајдат еден на когошто би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува нејзината девственост и ќе се грижи за неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто ѝ беше роднина. Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие. Од дома не излегуваше речиси никогаш, ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кој било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф. Но, кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева ѝ се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил ѝ се јави во архангелска светлина и ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!“ И сè друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет ќе значи радост за човештвото и за сета твар.
Благовештение – Благовец, кој секогаш се паѓа на истиот датум, на 7 април според новиот календар, а според стариот на 25 март.
Меѓу народот, овој празник е познат и како Благоец или Блошчојне. Се смета за тежок празник, затоа што според адетите, на овој ден не треба ништо да се работи. Најинтересен и најнеобилчен адет кој во некои села уште се применува е тој дека жените, на овој ден не треба да се чешлаат.
Исто така се верува дека оние кои сакаат да имаат деца треба да појдат во црквите и во манастирите, и да се помолат на иконите посветени на Благовештение и да се помолат.
Некаде, Благовец се смета за голем празник, еднакво голем како Велигден. Затоа постои изреката: „Благовец, прв ден Велигден“. Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца токму на овој ден им ги дупат ушите за обетки.
Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег.
Денеска честитајте именден на сите што го носат името: Благоја, Благојка, Блаже, Благица, Баже, Блага. Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април. Се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Евангелистите раскажуваат дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел”, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот.
Значењето на името Благој се поврзува со Благовештение, што соодветствува на грчкото име Евангело, а значи пријатен и благословен. Затоа, луѓето кои се викаат: Благој, Благуна, Благица се сметаат за посебни.
