Се оди на црковна литургија, наутро се берат билки и цвеќиња и се прават венчиња за на влезна врата или за на глава за бериќет, здравје и плодност – дел од многуте обичаи поврзани за Ѓурѓовден, празникот со кој се слави пролетта.
На 6-ти мај, се празнува Ѓурѓовден, најголемиот христијански празник од пролетниот циклус, во чест на Свети Ѓорѓи Победоносец, а име слават Ѓорѓија, Ѓорѓи, Ѓоко, Ѓурѓица, Ѓурѓа, Ѓуро…
Овој светец се смета за симбол на храброста, верата и борбата против злото, па токму така е претставен на иконата, како воин кој убива ламја.
Според житието на Свети Георгиј (кое можете да го прочитате на официјалниот веб-сајт на Бигорски манастир), светецот бил роден во Кападокија, како син на богати, но чесни и побожни родители, но сепак, некои извори велат дека бил роден во Бејрут, околу 270 година.
Георгиј служел во војска, а кога наполнил 20 години, стигнал до чин трибун и бил на служба кај царот Диоклецијан. Токму овој цар почнал да ги гони христијаните, по што Георгиј истапил во нивна одбрана и му кажал дека и тој е христијанин.
За да го казни, царот го затворил во самица и наредил нозете да му ги стават во клада, а на градите да му стават камен.
Додека траело сето ова мачење, Георгиј не престанувал да му се моли на Бог кој, пак го исцелувал и го спасувал од смртта.
Бидејќи Георгиј ги преживеал сите страдања, многу луѓе го прифатиле христијанството, вклучувајќи ја и сопругата на царот – Александра.
Инаку, Ѓурѓовден се празнува во голем број домови во Македонија, но се смета и за еден од најпразнуваните денови во регионот помеѓу словенските народи.
На овој празник се празнува природата, почетокот на пролетта, будењето на вегетацијата, расцутувањето и никнувањето на плодови, но и животот воопшто.
Кај нас се смета дека со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината, што трае до Митровден, па една од народните поговорки гласи: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден“.
