М-р Вера Зороска, наставник по физика и наставник-советник во ООУ „Христо Узунов“ од Охрид, е меѓу добитниците на признанието „Просветен работник на годината“ за учебната 2025/2026 година.
Зороска го доби признанието во категоријата основно образование – предметна настава. Одлуката ја донесе Претседателството на Сојузот на просветните работници на РС Македонија, по предлог на Комисијата за доделување награди и признанија и по оценување на професионалните достигнувања на пријавените кандидати.
Признанието е потврда за нејзината долгогодишна посветеност на наставата, професионалниот пристап кон работата и заложбите за современо и квалитетно образование.
Во наставата по физика Зороска применува експерименти, истражувачки и практични активности, со кои на учениците им овозможува полесно да ги поврзат научните знаења со реалниот живот. Особено внимание посветува на развојот на критичкото размислување, љубопитноста и самостојноста кај учениците.
„Ова признание за мене претставува голема чест, но и дополнителна одговорност. Го доживувам и како признание за трудот, љубопитноста и успесите на моите ученици, како и за соработката со колегите“, вели Зороска.
Таа додава дека најголемата награда за еден наставник е кога ќе види дека неговите поранешни ученици успешно продолжиле со образованието, изградиле кариера и создаваат свои професионални патишта.
М-р Вера Зороска е коавтор на учебник по физика за осмо одделение, а учествува и во изработка на наставни материјали, стручни обуки, истражувачки активности и различни образовни проекти насочени кон унапредување на наставата и популаризација на науката.
