Мобилната апликација м.Услуги е подготвена и моментално се тестира, а нејзината официјална промоција е најавена за октомври, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Апликацијата ќе овозможи граѓаните на едно место да ги имаат своите електронски документи, меѓу кои личната карта и возачката дозвола, како и пристап до повеќе услуги на јавната администрација.
Од Министерството појаснуваат дека користењето на м.Услуги нема да биде задолжително. Граѓаните и понатаму ќе можат да ги користат физичките документи.
Според Андоновски, апликацијата е дел од проект вреден 1,5 милиони евра, реализиран со поддршка од Европската Унија и во соработка со институции од Полска и Украина. Таа е развиена од македонски инженери и ќе остане во сопственост на државата.
Планирано е м.Услуги постепено да се надградува со нови функционалности и услуги, со цел до 2028 година да прерасне во европски дигитален паричник.
Министерот најави и засилен надзор врз институциите кои не ги прифаќаат електронските документи, иако тоа е нивна законска обврска.
