По променливото време во изминатите денови, викендот во Македонија ќе донесе повеќе сончеви периоди, но утрата ќе бидат значително постудени, а на некои места температурите ќе се спуштат и под нулата.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, во сабота, 7 ноември, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Утринските температури ќе се движат од -1 до 6 степени, додека дневните ќе достигнат од 10 до 16 степени.
Во недела, на Митровден, 8 ноември, се очекува претежно сончево време. Утрото ќе биде студено, со минимални температури од -3 до 7 степени, а преку денот температурата ќе се искачи од 11 до 17 степени.
Во одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на утринска магла.
Од почетокот на следната недела се очекува променлива облачност, а локално ќе има услови за слаб дожд.
Граѓаните кои планираат утрински активности, патувања или посета на гробиштата за Митровденската задушница треба да се подготват за ниските утрински температури.
