Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска организираше координативен онлајн – состанок помеѓу министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и претставници од естонската Академија за е-Владеење (e-GA) и УСАИД во Северна Македонија, со цел да се обезбеди координација и тесна соработка на проектите во државава кои се фокусираат на сајбер безбедноста.
Како што соопштија од кабинетот на Грковска, на состанокот, покрај тимовите на e-GA и УСАИД, учествуваа и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, како и претставници од Агенцијата за електронски комуникации. -Вицепремиерката Грковска истакна дека од исклучително значење за Република Северна Македонија е сите проекти кои, преку странски партнери се реализираат во земјава, да бидат меѓусебно координирани и комплементарни, за да не дојде до преклопување, но и за да се зголеми нивната ефикасност, стои во соопштението.Таа истакна дека естонската Академија за е-Владеење, со поддршка на Европската унија веќе започнува нов проект за сајбер безбедност во земјава, поради што е важно тимот на e-GA да биде во постојана координација со претставниците на УСАИД кои веќе заедно со Владата работат на зајакнување на сајбер одбраната од повеќе аспекти.

Раководителката на програмата за сајбер безбедност во e-GA, Мерле Маигре нагласи дека откако e-GA со поддршка на Европската унија направи анализа на состојбите во земјите од регионот на Западен Балкан, проектот влегува во втора фаза која значи преземање на конкретни активности и мерки во Северна Македонија. Тоа, истакна Маигре, е многу важно имајќи ја предвид безбедносната состојба со која се соочуваме во моментов, односно нападот на Русија врз Украина.
