Сѐ повеќе земји ширум светот, вклучително и во Европа, воведуваат или разгледуваат построги ограничувања за користење на социјалните мрежи од страна на децата и тинејџерите, поради загриженоста за нивното ментално здравје и безбедноста на интернет.
Австралија веќе стана првата земја што воведе забрана за користење на платформи како TikTok, Instagram, Facebook и Snapchat за лица помлади од 16 години. По нејзиниот пример, Велика Британија најави слични мерки, а неколку европски држави, меѓу кои Франција, Данска, Грција, Германија, Полска, Словенија и Шпанија, работат на законски решенија со кои би се ограничил пристапот до социјалните мрежи за помладите корисници.
Главната причина за овие мерки се растечките стравувања од зависност од социјалните мрежи, сајбер-насилството, изложеноста на штетни содржини и негативното влијание врз менталното здравје на децата.
Експертите предупредуваат дека сè поголем број млади луѓе поминуваат часови на интернет, што може да доведе до проблеми со концентрацијата, анксиозност и депресија. Од друга страна, критичарите на забраните сметаат дека тие тешко ќе се спроведуваат и дека поголем акцент треба да се стави на родителската контрола и едукацијата за безбедно користење на интернетот.
Во меѓувреме, Европската унија подготвува нови правила за поголема заштита на малолетниците на интернет, а дебатата околу тоа дали децата треба да имаат неограничен пристап до социјалните мрежи станува сè поактуелна.
