HomeАктуелноПартиите повторно на преговори за измените на Изборниот законик

Партиите повторно на преговори за измените на Изборниот законик

Политичките партии денеска повторно ќе ги продолжат разговорите за измените на Изборниот законик, во обид да се постигне договор за прашањата околу кои сè уште нема согласност.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Во фокусот на преговорите остануваат гласањето на македонските државјани во дијаспората, можноста за воведување една изборна единица, како и начинот на финансирање на помалите политички партии.

Од СДСМ сметаат дека предложените измени за гласањето на дијаспората треба дополнително да се разгледаат, предупредувајќи дека без соодветни механизми за заштита би можело да се отвори простор за изборни злоупотреби. Од партијата посочуваат дека нема потреба од носење на законските измени по забрзана постапка.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека е подготвена за компромис и дека, доколку не се создадат услови за електронско гласање, прифатлива е и можноста гласањето на иселениците да се организира по пошта. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија е подготвена да разговара и за други предлози доколку се обезбеди поширок договор околу изборните правила.

Од Левица остануваат на ставот дека неопходно е воведување една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање, додавајќи дека нивните предлози сè уште не се прифатени.

Во пресрет на денешната средба, Мицкоски оцени дека можностите за компромис се намалени поради, како што рече, различните позиции на дел од политичките партии. Сепак, тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема забелешки за воведување една изборна единица доколку се постигне сеопфатен договор.

Во меѓувреме, евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека предложените измени добиле позитивни оценки од ОБСЕ/ОДИХР и Европската комисија, но нагласи дека нивното усвојување ќе зависи од постигнувањето политички консензус меѓу партиите.

 

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.