HomeАктуелно“Бадниковите поворки“ и Бигорски манастир со традиционален подарок за сите верници, со „Божикна серенада“ и видео запис од Битола го честитаат Божик.

“Бадниковите поворки“ и Бигорски манастир со традиционален подарок за сите верници, со „Божикна серенада“ и видео запис од Битола го честитаат Божик.

Снимен е видеозапис за песната „Божикна серенада” – шести по ред традиционален подарок за Божик од Бигорскиот манастир и Бадникови поворки.

Овој видеозапис ја оживува серенадата преку една прекрасна божикна песна којашто на најубав начин ја покажува православната традиција и семејните вредности на македонскиот народ. Низ една филмска приказна нè враќа во минатото на Битола, градот кој ја има серенадата како дел од својата културна традиција, соопшти Здружението за возобновување на православните традиции.

Екипата, којашто со благослов на Владиката Партениј го оствари овој голем духовно-културен проект, е составена од: режисерите Дејан Пројковски и Горан Наумовски, директор на фотографија – Горан Наумовски, камера – Стојан Стојановски, асс.на камера – Александар Котевски, а во продукција на  2С Студио Стојан Стојановски.

Изведувачи на Божикната песна се Лозано, Димитар Андоновски, Никола Перевски – Нокаут, Стефан Филиповски – Некст тајм, а актери се Никола Стефанов, Благица Пупуноска, Ања Сливоски, Соња Михајлова, Митко С. Апостоловски, КУД – Илинден Битола и многу статисти, а снимање, миксање и мастеринг е на студио “Алшар“.

Божикната серенада во себе го носи специфичниот богат византиски мелос. Ја пееле возрасните коледари коишто оделе од куќа до куќа и весело ги повикувале домаќините да одат во црква, таму да го прослават Раѓањето Христово и потоа да го понесат големиот благослов дома. Ова дело ќе остане вечен сведок за мисијата на Бигорскиот манастир и Бадникови поворки како народен, културен и духовен проект.

БОЖИКНА СЕРЕНАДА
Не слушаш, гулабице моја?
Дојдов во твојата маала,
ај, твојата маала будна е,
ти, пак, уште тешко спиеш.
Стани сега, оди на црква,
стани ти, камбаните бијат,
ај, Христос се роди денес,
голем празник е за сите.
Во овој дом што пееме,
камен да не падне,
ај, домаќинот на куќава
долго жив да биде.
Домаќине, пред икона
кандило златно имаш ти,
ај, да ставиш масло и вода,
тоа ќе ти свети в куќи.
Ако ставиш чисто масло,
ќе ти свети цела маала,
ај, госпоѓо, добра, убава,
ај, госпоѓо наша златна.
Стани сега, оди на црква,
стани ти, камбаните бијат,
ај, Христос се роди денес,
голем празник е за сите.

ХРИСТОС СЕ РОДИ! ЧЕСТИТ БОЖИК!

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.