ЈП Водовод Охрид поднело барање до Регулаторна за зголемување на цената на водата за 70% информираше денес претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
Охрид има поднесено барање за зголемување на цената на водата за околу 70 проценти. Тоа го разгледуваме, но кога некој ќе поднесе барање за зголемување на цена од 70 проценти нема реалност. Пред да се поднесе вакво барање треба да се мисли. Ние нема да дозволиме да се зголеми цената за 70 проценти за да може јавните комунални претпријатија, не само во Охрид, туку насекаде низ државата, да бидат фабрика за вработување, бидејќи на крај ќе немаме вода, рече Бислимоски и додаде дека зголемување на цената побарале и Кочани и Ресен.
Регулатората комисија на редовна седница во четврток ќе одлучува за барањата на општините за нови тарифи на водата. Барањето за поскапување на водата е поднесено од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во текот на ноември минатата година и ние не сакаме да се натегаме дали поднеле или не поднеле барање. Фактите се јасни – ние донесовме одлука согласно нивното барање. Тие бараа минималната цена да биде околу 30, а максималната 57 денари, истакна Бислимоски.
Имајќи во предвид дека цената на електричната енергија за јавните комунални претпријатија е субвенционирана од државата и дека таа субвенција ќе продолжи и во наредните три месеци таа одлука што ја донесовме ќе претрпи корекција и минималната цена која ќе ја донесеме во четврток ќе значи намалување на цената за вода во Град Скопје, додека максималната ќе биде таква каква што е. Оставаме на Водовод Скопје и нивниот Управен одбор да донесе одлука врз основа на нашата одлука, а потоа таа треба да се испрати до Советот на Град Скопје, додаде Бислимоски.
