Општина Охрид ја објави програмата за одбележување на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, упатувајќи покана до сите граѓани и посетители за заедничко чествување на еден од најзначајните државни празници.
Како што истакнуваат од Општината, Илинден е симбол на слободата, храброста и заедништвото, ден што со гордост се одбележува и чии вредности се пренесуваат на идните генерации.
Настаните ќе се одржат на 1 и 2 август, а програмата опфаќа повеќе свечености и активности наменети за сите генерации. Со чествувањето ќе им се оддаде почит на илинденците и на нивната борба за слобода, а воедно ќе биде понудена и богата културно-уметничка програма.
Од Општина Охрид ги повикуваат граѓаните да бидат дел од одбележувањето на големиот македонски празник и заеднички да ја оддадат заслужената почит кон историското наследство и значењето на Илинден.

