Со почитување и запазување на мерките за заштита од Ковид 19, ќе биде одржана годинешната манифестација посветена на големиот верски празник Богојавление- Водици. На денешниот координативен состанок на кој присуствуваа градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, претседателот на Совет, Сашо Донев, претставници од Македонската Православна Црква, од охридските јавни претпријатија, Територијалната противпожарна единица, од нуркачките клубови „Амфора“ и „Охрид“, од Капетанија на пристаништа, од Министерството за Внатрешни работи и од Црвен Крст беше заклучено дека централното случување по традиција ќе биде на 19 јануари. Точно во 10 часот од Светилникот на пристаниште Дебарско- Кичевскиот митрополит г. г Тимотеј ќе го положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро.
Богослужбите во охридските парохиски цркви ќе почнат во 7 часот наутро, а литиите од трите цркви „Св. Никола- Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги од Горна Влашка Мала ќе се сретнат на плоштадот Св. Климент Охридски неколку минути пред 10 часот и ќе се упатат на пристаништето.
По положување на крстот и осветување на езерската вода, точно напладне кај месноста „Сараиште“ ќе се одржи свето крштевање на сите луѓе кои сакаат да се крстат.
Точно напладне на градскиот плоштад, концерт ќе одржи групата „Љубојна“, а од 9 до 15 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.
Поради Ковид пандемијата , годинава нема да се служи традиционалната рибја чорба,а на 20-ти јануари не е предвидено официјално организирање на Денот н рибарите.
По повод празникот охридските нуркачи на 16 јануари ќе го чистат дното од Охридското Езеро на просторот каде ќе се спроведе положувањето на Светиот крст, а екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ ќе го украсат централното градско подрачје во знакот на Богојавленските празнувања.
Координатор на годинашните активности за празникот Богојавление – Водици е Митко Топенчаров.
Носител: МПЦ и Општина Охрид во соработка со Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделувања награди и признанија.